Мемфис Депај ќе биде едно од зимските засилувања на Атлетико Мадрид, а според шпанските медиуми веќе му е договорен трансфер од Барселона кај популарните Јорганџии.
Холанѓанецот е во втор план во Барселона, а тоа почна со пеналот што му го одбрани нашиот репрезентативец Столе Димитриевски во октомври 2021 година.
Тогаш Рајо Валјекано ја победи големата Барселона со 1:0, Димитриевски го прочита Депај, кој утна пенал, а веднаш по мечот отказ доби Риналд Куман, тогашниот тренер на Барса.
Депај потоа имаше и доста проблеми со повредите, па малку играше, а сезонава одигра само два меча во Ла Лига и ќе си бара чаре со трансфер во Атлетико.
Според шпанските медиуми преселбата од Барселона во Мадрид ќе чини три милиони евра, што е ќар за Барса, која го доби Холанѓанецот бесплатно од Лион во 2021 година.
Се очекува Мемфис да потпише договор со Атлетико до 2025 година.