Со само два примени гола во шест меча, Македонија покажа дека има гранитна одбрана, а тоа вечерва го почувствува и Белгија. Иако на свој терен, Белгија не успеа да даде гол против Македонија и на крајот мечот заврши 0:0. По средбата, голманот Столе Димитриевски беше задоволен, посеб но од играта во дефанзивниот ред.
„Многу тежок меч на белгиски терен. Тие беа одлични во офанзивата, но ние одработивме перфектен меч во дефанзива. Ни фалеше малку повеќе да нападнеме, но тешко е да се излезе од прва зона во трета зона за напад, затоа што тие постојано притискаат. Дефанзивно одигравме перфектно“, вели голманот на македонската репрезентација.
Следниот предизвик за Македонија е дуелот против Казахстан во Скопје, кој ќе се игра в понеделник.
„На секој меч во овие квалификации одиме на победа. За нас прво место ќе биде историја. Мечот против Казахстан ќе биде многу тежок, но на домашен терен пред наша публика, очекувам да победиме. Треба да продолжиме напред, да го задржиме првото место и да се пласираме на Светско првенство“, рече Димитриевски веднаш по редмито во Гент.