Столе Димитриевски ја остави грешката зад себе која доведе Исланд да ја намали негативата од два гола, за што потоа противникот доби мотив да ѝ украде два бода на Македонија кои речиси беа осигурани.
Нашиот прв голман посакува утре против Романија да ја сочува мрежата, нагласувајќи дека нема да дозволи нов пад на концентрацијата, односно очекува тимската одбрана да му помогне да го сочува својот гол.
„Мојата цел како и секогаш е да ја сочувам мрежата. Очигледно е дека на претходните два меча противниците имаа минимални шанси да се заканат кон нашиот гол и така треба да продолжиме. Со континуирана работа и тимска одбрана, како и одговарање на задачите кои ни ги поставува селекторот се надевам дека ќе можеме утре да одиграме без примен гол. Против Исланд одигравме одлични 75 минути, со една индивидуална грешка од моја страна што доведе до психолошки пад. Со селекторот анализиравме сé што беше негативно од тој меч, нормално потоа работевме на тоа со цел да го вратиме фокусот и да се подобриме во следните натпревари“, истакна Димитриевски.
Натпреварот Македонија – Романија е закажан за утре во 20:45 часот и ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.