Црвена ѕвезда се интересира за македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ. Валенсија нема ништо против да се ослободи од нашиот кошаркар, но попрво би го пуштиле на позајмица, што одговара и за јадранскиот шампион.
Димитријевиќ очигледно не е толку важен адут за Лилјаците колку што самиот замислуваше, одбивајќи ги последните неколку повици да игра за националниот состав на Македонија со цел да биде на располагање на својот тим.
Минатата сезона, 24-годишниот Димитријевиќ бележеше просек од 9,4 поени и 4,2 асистенции во шпанското првенство, во Еврокупот беше нешто послаб со 5,5 поени и 3,9 асистенции просечно по натпревар.
И да остане во Валенсија, но и да се пресели во Белград каде би го задолжил црвено-белиот дрес, Димитријевиќ секако ќе настапува во Евролигата.