Димитријевиќ избран за најкорисен во ВТБ-лигата: Соиграчите ми помагаат да станам подобар!

Македонскиот плејмејкер кој игра за УНИКС Казањ, Ненад Димитријевиќ, е прогласен за најкорисен играч, МВП, на регуларниот дел од сезоната во силната регионална ВТБ-лига.

Димитријевиќ одигра 35 натпревари за тимот од Казањ и имаше просек од 19 поени, 6,6 асистенции, 3,6 скока и 1,3 украдени топки по натпревар.

УНИКС за првпат го освои првото место по регуларниот дел од сезоната на ВТБ-лигата. Во решавачкиот натпревар за прво место против ЦСКА Москва, Нено постигна 40 рекордни поени во кариерата, а на истиот меч имаше и 9 асистенции.

„За мене е голема чест што сум избран за МВП. Мислам дека тоа е одраз на одличната тимска работа што ја завршивме во текот на сезоната, победивме на големи натпревари и го обезбедивме првото место. Би сакал да им се заблагодарам на ВТБ-лигата, на мојот клуб УНИКС, на стручниот штаб на чело со Велимир Перасовиќ, на медицинскиот персонал и на нашите посветени навивачи. Сакам посебно да ги споменам моите соиграчи, кои ми помогнаа да станам подобар играч“, изјави Димитријевиќ.

- Оглас -

Најнови вести