Ненад Димитријевиќ беше најефикасен на мечот меѓу Македонија и Грузија со 25 поени, но не можеше сè сам, па повторно загубивме од истиот ривал во кус рок од три дена, сега во Скопје со 79:65.
По четири кола, имаме четири порази во групата со Шпанија, Грузија и Украина и мали шанси да продолжиме во втората фаза во битката за настап на Мундијалот во 2023 година.
Повторно немавме решение за натурализираниот Грузиец, Тед Мекфејден, кој вечерва ни даде 24 поени, или вкупно 50 на двата натпревари.
Шансата за подвиг и победа беше пропуштена во финишот на првото полувреме, кога дозволивме од позитива 31:28, Грузија да ни направи серија од 12:0 и да замине со предност од 43:35 по првото полувреме.
Во вториот дел стигнавме само на два поени негатива, но повторно Мекфејден беше незадржлив и ја предводеше Грузија до победа.
Сега ни остануваат уште два меча во јули, против Шпанија на гости и со Украина на домашен терен.