Македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ, со својот Хувентуд, не успеа да приреди изненадување во полуфиналето на шпанскиот куп и загуби од Реал Мадрид со 81:93. Реал во утрешното финале, во својата сала во Мадрид, ќе се сретне против лутиот ривал Барселона. Барса до финалето дојде прва, откако во полуфиналето го победи Тенерифе со 92:86.
Младиот Димитријевиќ вечерва во дуелот со европскиот и шпански првак, имаше 4 поени и 6 асистенции за 18 минути. Нено беше втор асистент во својот тим.
Реал шутираше лошо, само 12 тројки од 42 обиди, но беше многу подобар во првата и третата четвртина, па Хувентуд во финишот само го искористи малото опуштање на фаворитот, за да се избори за пристоен пораз. Екипата од Бадалона во четвртфиналето го изненади евролигашот Басконија, но немаа сили за уште една сензација.