Машката кошаркарска репрезентација на Македонија в четврток (21-ви ноември) и недела (24-ти) ќе игра два натпревари против Литванија од квалификациите за Евробаскетот 2025, а првата од двете битки ќе треба да ја бие без Ненад Димитријевиќ.
„Нема да го играм првиот натпревар, бидејќи истиот ден играме со Макаби во Евролигата, па нема да бидам достапен за натпреварот во Скопје. Се надевам дека ќе играм на вториот меч во Литванија три дена подоцна. Се надевам дека ќе бидеме конкурентни, таа победа би била важна за нас, за да имаме шанса да се пласираме на Евробаскетот“, рече Димитријевиќ во интервју за Спорт Клуб.
Неиграњето на Димитријевиќ е огромен хендикеп за тимот на селекторот Александар Јончевски. Нено наместо во Скопје, на 21-ви ноември ќе игра во Милано против Макаби, а истиот ден Евролига игра и Анмерканецот со македонски пасош Ти Џеј Шортс, во дресот на Париз баскет, па ниту еден од нив двајца нема да може да игра против Литванците во Скопје.
В недела на 24-ти Димитријевиќ е слободен, Милано тој викенд нема меч од италијанската лига и би можел да игра на тешкото гостување кај Литванците. Со евентуални два порази од Литванија, Македонија може и да ги загуби шансите за место на ЕП, во зависност од исходите на мечевите на Естонија со Полска, затоа важно е да се извојува барем една победа во овој ноемвриски циклус квалификации.