Некогашниот капитен на македонската млада репрезентација, Владимир Димитровски, во скоро време може повторно да се врати во Грузија, земјата во која го имаше последниот фудбалски ангажман. Популарниот Дади е пред потпис во Телави, тимот каде што настапуваше една сезона и тоа со голем успех. Телави е тим кој сезонава има проблем со дефанзивната линија и ја има втората најслаба одбрана, па искуството на Димитровски сигурно ќе им биде добредојдено.
Освен Телави, за Димитровски се интересираат уште два тима од Грузија кои се имаат уверено во квалитетите на фудбалерот кој петпати беше дел од Тимот на колото во претходната сезона. Димитровски моментно е во Грција, каде што тренира и е подготвен за новите предизвици.
Искусниот дефанзивец кариерата ја започна во Вардар, а потоа направи богата интернационална кариера настапувајќи за: Вестерло, Кроација Сесвете, Млада Болеслав, Керкира, Карабах, Докса Драма и во Телави. Во Македонија, освен за Вардар, има играно и во екипите на Цементарница, Металург и Работнички.
Останува Дади да реши дали ќе ја прифати отворената понуда од Телави или, сепак, ќе одбере некој нов предизвик во кариерата.