Динамо ја доживеа најболната елиминација, а потоа доби дополнително „сол на рана“ од УЕФА

Динамо Загреб нема да игра во групната фаза од Лигата на шампиони оваа сезона, откако во драматичен двомеч беше елиминиран од АЕК. Хрватскиот првак синоќа одигра 2:2 на гости во Атина, но не оди понатаму поради поразот на домашен терен од 1:2. Драматично беше на стадионот на АЕК, затоа што Динамо водеше со 2:0 до 90+2 минута, а потоа домаќините постигнаа два гола и се радуваа.

Освен болната елиминиација, за Динамо стигна и лоша вест од УЕФА. Поради нередите кои навивачите на Динамо ги направија на 7 август во Атина, во кои беше убиен еден симпатизер на АЕК, УЕФА реши да забрани гостување на навивачите на Динамо до крајот на евро сезоната.

„По проценка на УЕФА, сите мечеви на кои Динамо ќе треба да гостува, ќе се сметаат за високоризични. Тоа за жал се потврди и со инцидентот на последното гостување во Атина“, стои во соопштението на УЕФА, која донесе една од најжестоките казни во последните 10-тина години.

Во плејофот за пласман во групната фаза во Лигата на Европа, Динамо ќе игра против Спарта. Првиот меч ќе се игра следниот четврток во Загреб, а реваншот е седум дена подоцна во Прага.

- Оглас -

Најнови вести