Динамо киксна против Истра, Ристовски: “Мора повеќе да веруваме во себе“

Фудбалерите на Динамо Загреб одиграа изненадувачко реми без голови на гостувањето кај Истра во Пула. На натпреварот од 30-тото коло на хрватската лига сите 90 минути ги одигра капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски, кој после натпреварот имаше свој коментар за играта на неговата екипа.

– „И честитам на Истра за бодот. Нерешеното е најреален резултат. Продолжуваме да се бориме, продолжуваме по нашиот пат. Секое гостување, секој натпревар е тежок и така ќе биде до крајот на првенството. Мораме повеќе да се сконцентрираме и повеќе да веруваме во себе, да ја кренеме самодовербата и да победуваме на вакви натпревари. Овие натпревари го решаваат првенството.“ – рече Ристовски, па продолжи:

– „Нема ништо поубаво отколку да се бориш за титулата во првенството. Мораме да одиме од натпревар на натпревар. Тешко е, секоја екипа игра фудбал. Следен противник за нас е екипата на Вараждин и мора да дадеме 100%. Дерби? Не се подготвуваме ние за дерби, Динамо е клуб во кој целите се јасни, од пријателските натпревари до самиот крај на првенството ние играме за да победуваме. Ќе се подготвиме како и за секој друг натпревар и ќе одиме на победа.“

Динамо е лидер во хрватското првенство со 67 поени, 10 повеќе од вечниот ривал, сплитски Хајдук.

- Оглас -

Најнови вести