Динамо Загреб глатко одби 20 милиони евра за фудбалскиот бисер

Хрватскиот првак Динамо Загреб реши да ја одбие понудата за Мартин Батурина вредна помеѓу 15 и 20 милиони евра. За младиот 21-годишен фудбалер од Сплит се заинтересира екипата на Лидс која и официјално упатила понуда до челниците на Динамо, но таа глатко била одбиена, иако се работи за сума која речиси сите останати клубови од некогашна Југославија без размислување би ја прифатила.

Динамо не планира да го продаде Батурина ова лето. Планот на Модрите е сезонава да играат во групната фаза од Лигата на шампиони, каде Батурина дополнително ќе се промовира и ќе го покаже целиот свој квалитет, а потоа цената да му се зголеми и да биде продаден.

Екипата во која настапуваат и некогашните македонски репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми, е на прагот од пласман во групната фаза од Лигата на шампиони. По првиот меч во плејофот, Динамо има предност од 3:0 против Карабах и треба да ја сочуваа оваа позитива на реваншот кој се игра за неколку дена.

Динамо е клубот кој најдобро работи од сите клубови во екс-ју и најдобро котира на трансфер пазарот. Најскапиот излезен трансфер на Динамо е заминувањето на Јошко Гвардиол кој беше продаден во Лајпциг за 36,8 милиони евра. Во Лајпциг е продаден и вториот најскап играч на Модрите, а тоа е Дани Олмо кој си замина за 34,2 милиони евра. Меѓу најскапите трансфери на Динамо се и заминувањето на Марко Пјаца во Јувентус за 29,4 милиони евра и тоа на Лука Модриќ кој за 22,5 милиони евра во 2008 година замина во Тотенхем.

- Оглас -

Најнови вести