Динамо Загреб ќе постави клупски рекорд по заработка во една сезона

Хвратскиот првак Динамо Загреб е единствениот клуб од поранешна Југославија кој сезонава уште е дел од фудбалска Европа. Популарните „модри“ ќе играат во осминафиналето од Лигата на Европа откако синоќа на „Максимир“ со убедливи 3-0 ја победија Викторија П’лзењ и го продолжија патот во второто по ранг натпреварување на УЕФА.

Со оваа победа над Викторија П’лзењ и пласманот во следната фаза од Лигата на Европа, Динамо брои нови милиони во својата каса. До нокаут-фазата, Динамо имаше заработено 13 милиони евра, а потоа следуваше уште еден милион за првото место во групата, а сега и плус 1,1 милион евра за поминување во осминафиналето.  

Рекордната клупска заработка на Динамо во една сезона е од 2016/17. Тогаш „модрите“ инкасираа 17 милиони евра од настапот во групната фаза од Лигата на шампионите. Сега не се дел од елитата, но со успешните настапи во ЛЕ се очекува оваа рекордна заработка од пред две сезони, сега да биде надмината.

Со настапите во оваа сезона, Динамо покажа дека нема ништо случајно кај нив и со години имаат успешни настапи на меѓународната сцена, што им носи многу милиони во клупската каса.

- Оглас -

Најнови вести