Милан со 2:1 победи на гостувањето кај Специја во меч кој е посебен за семејството Малдини. Најзначајната династија во историјата на Росонерите испиша уште една историска страница, откако Даниел Малдини прв пат доби шанса да заигра во првиот тим и тоа го круниса со погодок.
Даниел е син на легендарниот Паоло Малдини, а негов дедо беше прославениот Чезаре Малдини. Династијата на Малдини во Милан започна во далечната 1954 година кога заигра Чезаре. Во 1985 година во црвено-црниот дрес се појави и Паоло Малдини. И Чезаре и Паоло беа дефанзивци, но постигнуваа погодоци за славниот тим. Младиот Даниел игра како напаѓач и против Специја го постигна првиот погодок во Серија А, за водство од 1:0.
Специја израмни преку Верде во 80 минута, но во 87 минута, Диаз, кој во игра влезе само пет минути претходно, погоди за 2:1 и победа на гостите од Милано.