Извршниот директор на Баер Леверкузен, Фернандо Каро, изјави дека клубот има добри шанси да го продолжи договорот со најголемата ѕвезда Флоријан Вирц.
Тој мораше да одговори на прашањето дали трансфер во Баерн Минхен би бил поскап отколку во странски клуб, но потенцираше дека намерата на клубот е да се обиде да го задржи.
„Станува збор за тоа што би сакал Флоријан доколку одлучи да замине. Но, исто така сакам да истакнам дека нема многу клубови кои се подобри од Баер Леверкузен кога станува збор за шансите за освојување на титули“, истакна извршниот директор на Баер.
Пред неколку дена „Кикер“ објави дека Вирц се согласил да го продолжи договорот, но Каро ја негираше оваа информација.
Тој, сепак, призна дека ќе биде тешко Вирц да остане во клубот до 2026 година без да го продолжи својот договор.
„Искрено кажано, ќе биде тешко. Не е невозможно, но ние сакаме да го задржиме во нашите редови“, дополни шефот на Баер Леверкузен.