Директорот на Мундијалот не дозволува политички пораки и критиките според него се расизам

Директорот на Светското првенство во Катар, Насер ал Катер, изјави дека истакнувањето политички пораки пред и за време на Мундијалот не е во ред и ги повика фудбалските федерации на одредени земји да се фокусираат на своите репрезентации, а не да бараат надоместок за мигрантите кои работеа на изградба на стадионите.

Според Ал Катер, критиките на сметка на Мундијалот и на организаторот може да се сметаат за расистички. Ал Катер порача дека и навивачите хомосексуалци се добредојдени во Катар на натпреварите на СП кое ќе се игра од 20 ноември до 18 декември.

„Доколку јас сега ве фатам за рака и со часови се шетаме по улица, никој ништо нема да ни каже. Сè што бараме од луѓето е да ја почитуваат културата. Сè додека не работите ништо што не е штетно за останатите и ако не го уништувате јавниот имот, како и се однесувате на начин кој не е штетен, тогаш сте добредојдени во Катар и немате причини за загриженост“, одговори Ал Катер.

Директорот на Мундијалот додаде дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе одлучи дали капитените ќе можат да носат ленти околу раката со боите на виножитото, што претставува симбол на ЛГБТ заедницата, но смета дека не треба да има политички пораки.

„Како што разбрав, се водат разговори за различни политички пораки. Ова е фудбалски турнир на кој луѓето сакаат да дојдат и да уживаат. Мислам дека не е во ред Мундијалот да се претвори во платформа за политички изјави“, смета Ал Катер.

Директорот на СП имаше подготвено одговор и за критиките на сметка на државата поради лошите услови во кои живеат работниците мигранти.

„Многу луѓе зборуваат за условите на работниците“, но не се експерти за тоа што го зборуваат. Мислам дека тие би требало повеќе да читаат да се образуваат за тоа што се случува во Катар. Значи луѓето велат: Да, се согласуваме дека мора да постои некаков вид фонд за компензација. Тоа само читаат од лист хартија, но ова треба да им го оставиме на експертите и да се концентрираме на фудбалот“, изјави Ал Катер во интервју за „Скај“.

Организаторот тврди дека досега имало само три смртни случаи на мигранти кои работеле на изградба на стадионите, додека организациите за човекови права сметаат дека бројката е неколку стотици смртни случаи.

- Оглас -

Најнови вести