Ноќта во НБА-лигата беше резервирана за испишување на нова историја од страна на Дирк Новицки. Легендарниот германски кошаркар стана шестиот најдобар поентер во историјата на НБА-лигата откако успеа да го надмине големиот Вилт Чемберлен.
Пред почетокот на мечот меѓу Далас и Њу Орлеанс, на Новицки му беа потрени само три поени за да го надмине рекордот на Чемберлен од 31.419 поени во кариерата. Германецот уште во првите три и пол минути успеа да постигне четири поени и тоа беше доволно за надминување на Чемберлен.
До крајот на средбата, Дирк имаше осум поени, што значи дека сега има пет поени повеќе од легендарниот Чемберлен, кој е единствен во историјата на НБА-лигата што има постигнато 100 поени на една средба. На вечната листа на стрелците, пред Новицки сега се само уште петмина кошаркари.
Шампионот Голден Стејт загуби на гости од Сан Антонио со 111:105, но „воините“ веќе прославуваа обезбедено место во плеј-офот. Во борба за разигрување за титулата сигурно ќе биде и Денвер кој обезбеди место во плеј-офот по победата на гости кај Бостон од 114:105. На 13 меча до крајот, Голден стејт и Денвер имаат еднаков број победи и порази и битката за првото место на Западот ќе биде неизвесна до крај.
Резултати: Кливленд – Деторит 126:119, Вашингтон – Јута 95:116, Бостон – Денвер 105:114, Торонто – Њујорк 128:92, Оклахома – Мајами 107:116, Сан Антонио – Голден стејт 111:105, Далас – Њу Орлеанс 125:129, Феникс – Чикаго 101:116, Портланд – Индијана106:98.