На 23 април или најдоцна на 30 април, ќе се знае дали Македонија ќе има свој претставник во главната АБА-лига во следната сезона. Јадранската лига ги објави термините на баражот помеѓу вицепрвакот на втората АБА (МЗТ) и претпоследниот од првата АБА (Задар).
Македонскиот тим откако не успеа да стане првак на втората АБА, сега има втора шанса да се врати во елитата во регионот, но Задар ќе ја има предноста на домашен терен во евентуалната мајсторка во оваа серија која ќе се игра во два добиени натпревари.
Првиот меч е на 17 април (17 часот) во Задар, потоа МЗТ ќе биде домаќин на 23 април (почеток во 18 часот), а ако биде потребно да се игра трет натпревар, Задар повторно ќе биде домаќин, и тоа во последниот ден од овој месец.
Претстојниов викенд во Гевгелија се игра завршницата од Купот на Македонија, па МЗТ ако игра финале на 14-ти април, нема да има многу време за одмор по трите тешки меча во Гевгелија, до средбата на гости со Задар.