До лани навивач, сега е незаменлив стартер

Серхио Регилон само пред некоја година чекаше на паркингот на првиот тим на Реал Мадрид за да се фотографира со Кристијано Роналдо и Серхио Рамос, купуваше книги посветени на идолот Герет Бејл, лани беше редовен на трибините како навивач. Денеска тој не само што е во првиот тим на Реал, туку е и стартер, засенувајќи го Марсело, кој цела деценија беше незаменлив на позицијата лев бек.

Регилон е една од ретките светли точки во Реал оваа сезона. Момчето кое има 22 години, има дриблинг, центаршут, борбен е и заслужи да биде рамо до рамо со своите идоли.

До лани против Барса играше само на плејстејшн, реалноста му беше Сегунда дивизија Б, сон му беше да заигра за вториот тим на Реал, на играње во првиот состав, и тоа како прва опција пред Марсело, не ни помислуваше. Работите се сменија кога Зинедин Зидан си замина и дојде Хулен Лопетеги, кој во подготвителниот период им даваше шанса на младите. Според Лопетеги, Регилон е подобар од Тео Ернандес и го одбра Серхио како резерва на Марсело, а Тео беше продаден.

Со назначувањето на Сантијаго Солари за прв тренер, работите за Регилон станаа уште подобри и тој веќе е главна опција, а Марсело е резерва. На сите важни мечеви, Регилон е стартер, а предноста му е што игра подобра одбрана од офанзивно настроениот Бразилец. Сега и да си оди Солари, се чини дека Регилон уште долго ќе го носи белиот дрес.

- Оглас -

Најнови вести