Поранешниот селектор на Шпанија и тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, е прв кандидат за кормилар на Бетис.
Клубот од Севилја се раздели со Кике Сетиен и сега бара начин да најде квалитетна замена на клупата. Приказната на Лопетеги е позната и е многу интересна, а неговата смена на еден ден пред стартот на Светското првенство во Русија можеби ја чинеше „црвената фурија“ и титула на Мундијалот.
Лопетеги пристигна со шпанската репрезентација во Русија, но откако Реал Мадрид објави дека тој е нов тренер на најтрофејниот клуб на Стариот Континент, веднаш беше сменет од кормилото на „црвената фурија“.
Потоа немаше ниту позначаен успех со Реал Мадрид, а наместо планираните три години, според договорот што го склучи со тогаш актуелниот европски првак, остана само 74 дена и беше сменет со Сантијаго Солари.
Оттогаш работата му е во мирување, а сега има сериозна понуда од Бетис и според шпанските медиуми, е блиску до договор со клубот од Севилја.