Две победи против Естонија може да бидат доволни за пласман на македонскиот национален тим во кошарка, а тоа иако нема да биде лесно, сепак Црвено-жолтите, особено селекторот Јорданчо Давитков, ќе имаат огромни мотиви во дуелите со оваа балтичка селекција.
Пред две лета, Естонија двапати беше подобра од Македонија во претквалификациите за СП 2019, а особено болен беше поразот на 5 август во Скопје, по кој моравме да играме многу мечеви со послаби ривали за да дојдеме до вистински квалификации за наредното ЕП. На тој меч во 2017, во составот на Давитков беа Теодор, Чековски, Пенов, Тасовски, а ги немаше Дамјан Стојановски, Витингтон или Хендрикс, Симоновски.
Се чини дека во комплетен состав, со сите расположливи сили, можеби и нов натурализиран играч, Македонија е посилна од Естонија. Веќе во првото коло, на 20 или 21 февруари 2020, ја прелетуваме Естонија, а потоа следуваат три гостувања по ред во февруари и ноември, за во февруари 2021 дома против Русија и Италија да го обезбедиме местото на континенталниот собир.
„Сигурен сум дека ќе се пласираме на ЕП. На Естонците можеме да им вратиме за оние порази од пред две години, кога имавме поразличен состав од овој што ќе игра сега. Не е само Естонија, и со Русија и Италија ќе се обидеме да победиме, на наш терен паѓале многу фаворити во минатото“, вели Давитков.
Италија е еден од домаќините на ЕП 2021, па нејзините резултати не се толку важни бидејќи секако има обезбедено место на завршницата и борбата ќе биде да се избегне последната позиција и да се биде прв, втор или трет во групата.
СО ИТАЛИЈА ИМАМЕ 0-2, СО РУСИЈА 0-5, СО ЕСТОНИЈА 3-4
Историјатот на меѓусебните дуели со овие три тима е негативен. Со Италија игравме во квалификациите за ЕП 1997 и претрпени се два убедливи порази. Со Русија имаме пет меѓусебни дуели и ниту една победа. Секако, најболен пораз од нив беше оној од 68-72 во дуелот за трето место на Евробаскетот во Литванија 2011 година.
Против Естонија имаме седум дуели и скор 3-4. Едната победа од 45 разлика е највисока за Македонија во историјата, но најсвежи во мислите ни се прекланските порази кои ќе се заборават само ако им вратиме следната година и се најдеме на ЕП, а тие извисат.