Европската фудбалска федерација донесе одлука во корист на селекторите за претстојното Европско првенство, на кое за првпат во својата историја ќе настапи и македонската репрезентација.
Наместо вообичаениот број од 23-ца репрентативци, селекторите ќе може да повикаат по 26-мина фудбалери за континенталното натпреварување, па оваа вест е убава и за нашиот селектор Игор Ангеловски.
На овој начин ќе им се овозможи на селекторите повеќе избор за натпреварите по оваа исцрпителна и пореметена клупска сезона поради пандемијата со корона-вирусот. Управниот одбор на УЕФА оваа одлука ја донесе пред два дена, но официјалната потврда треба да стигне во наредните денови. Од претходно е познато дека селекторите ќе може да вршат по пет измени наместо стандардните три.
Македонија ќе биде хендикепирана за дуелите против Холандија, Австрија и Украина во групта Ц, со оглед на тоа дека Илија Несторовски ги скина лигаментите на коленото и му е предвидена пауза од шест месеци.
Европското првенство стартува на 11 јуни, а финалето на „Вембли“ е предвидено точно 30 дена подоцна.