Екипата на Динамо Загреб доцна попладнево отпатува во Азербејџан, каде што задутре ќе гостува кај Карабах на реванш од плејофот за влез во Лигата на шампионите, а во авионот е и Стефан Ристовски, кој се повреди на првиот меч во Загреб.
Динамо има голема предност од 3-0, но Карабах на „Максимир“ имаше 4-5 стоотстотни шанси и резултатот можеше да биде многу поинаков, па затоа Модрите не се опуштаат, свесни дека може да примат многу голови од опасниот интернационален состав на Карабах, на кого одбраната му е послаба страна.
Покрај тоа, во Азербејџан е десетина степени потопло отколку во Загреб, што може да биде проблем за Динамо.
Затоа присуството на Ристовски е значаен плус за Динамо, кој ќе треба да се одбрани од опасните напади на Карабах. Стефан се повреди во 21-вата минута на мечот со Карабах во Загреб и го напушти теренот, но очигледно повредата не била сериозна и тој ќе биде во комбинација за настап.