Герет Бејл дефинитивно нема да биде во тимот на Реал Мадрид во финалето на шпанскиот Суперкуп, кое се игра в недела во Џеда, Саудиска Арабија, против Барселона или Атлетико Мадрид.
Велшкото крило има здравствени проблеми, инфекција на респираторниот тракт, и нема да отпатува во Џеда, иако имаше најави дека би можел да биде во комбинација за финалето. Бејл играше на цел меч против Хетафе во првенството и требаше да биде стартер на Суперкупот, но неочекуваната болест го спречи, па тренерот Зинедин Зидан мораше да бара друга опција и добро се снајде со оглед на победата на Реал од 3-1 против Валенсија и добрата игра со петмина фудбалери од средниот ред.
Можеби на Зидан му е криво што нема да игра Бејл, но навивачите се радуваат. Тие не го сакаат Велшанецот, кој повеќе од четири месеци нема дадено гол во дресот на Реал. Оваа низа од 11 меча без постигнат гол е негова втора најлоша серија откако е во мадридскиот клуб.