Добри резултати против Германија и Швајцарија ќе ни го олеснат патот кон СП 2025

Иако Европското ракометно првенство во Германија само што започна, сепак не смееме да го заборавиме и Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. Континуитетот на настапи на македонската ракометна репрезентација на големите собири започна во 2012-тата со Европското првенство во Србија, сега на овој континентален собир во Германија потребни ни се добри резултати против домаќинот и Швајцарија за да си го олесниме патот во светскиот самиот и да го продолжиме континуитетот кој го имаме.

На Светското првенство следната година ќе настапат вкупно 17 репрезентации од Европа. Четири се веќе таму – Данска како еден од домаќините и светски шампион од минатата година, потоа останатите два домаќини Норвешка и Хрватска, како и Франција како финалист од последното Светско првенство.

Остануваат уште 13 места, од кои две ќе им припаднаат на најдобрите две селекции од тековното Европско првенство кои ќе имаат најдобар пласман, освен овие четири кои се веќе пласирани. Преостанатите 11 европски репрезентации пласман ќе бараат преку баражот. Таму ќе играат останатите 18 селекции од ова Европско првенство кои нема да обезбедат директен пласман, како и четири репрезентации од квалификациите, кои ќе финишираат во март.

Тука доаѓаме до она што не интересира нас, а тоа е како Македонија да дојде до полесен противник, односно да влезе во ждрепката за баражите како носител. За тоа да го оствариме потребно ни е на ова Европско првенство да оставиме седум селекции позади нас, односно да бидеме пласирани во најлош случај на 17-тата позиција. За да го оствариме тоа потребно ни е да ја победиме Швајцарија во последното коло, и тоа со што е можно повисока разлика, а доколку не успееме да извлечеме поволен резултат со Германија, тогаш поразот да биде што е можно понизок. Секако епилогот ќе зависи и од резултатите од останатите групи на Европското првенство, но тие комбинации ќе ги правиме кога ќе дојде време, односно во финишот на групната фаза, но во моментов сѐ зависи од самите нас.

Доколку успееме да дојдеме до вакви резултати во последните две кола од групната фаза на Европското првенство во Германија, тогаш Македонија ќе биде во привилегираната група и во баражот за Светското првенство ќе добие далеку полесен противник, односно репрезентација од калибарот на Грузија, Босна и Херцеговина, Грција, Црна Гора, Романија … или некој од квалификантите каде како најквалитетни се издвојуваат Украина, Словачка, Израел … што секако е многу подобра опција, отколку двомеч против Исланд, Србија, Португалија, Холандија, Унгарија …

- Оглас -

Најнови вести