ПСЖ вчера го обезбеди пласманот во своето прво финале во Лигата на шампионите во клупската историја. Само еден ден по остварениот успех, тренерот Томас Тухел доби убави вести.
Германскиот стратег ќе може да смета на Кејлор Навас за финалето откако е потврдено дека веќе нема болки во ногата. Навас не го доигра мечот против Аталанта, беше заменет во 79-тата минута поради повреда, а на негово место влезе Серхио Рико, кој вчера бранеше на потребното ниво против Црвените бикови.
Навас се врати во натпреварувачки погон и се очекува во недела да застане меѓу диреците на францускиот првак. Враќањето на Марко Верати исто така е вест на која му се радува Тухел. Италијанскиот играч за врска вчера го одигра финишот од средбата против Лајпциг и најверојатно и тој ќе биде во стартниот состав за финалето.
ПСЖ вечерва ќе го дознае противникот во битката за европската титула, по дуелот Лион – Баерн Минхен.