Повредата на Серхио Рамос не е сериозна и капитенот на Реал Мадрид ќе паузира само десеттина дена. Тоа се одлични вести и за клубот и за шпанската репрезентација, секако веројатно и најмногу за Зинедин Зидан, кој има проблеми со одбраната.
Рамос беше заменет во финишот на првото полувреме на мечот меѓу Шпанија и Германија, а се стравуваше од подолго отсуство.
Сепак, лидерот на Реал ќе пропушти само три меча, почнувајќи од утрешното дерби со Вилјареал, и потоа нема да игра и на натпреварите со Интер во Лигата на шампионите и против Алавес во Ла Лига.
Рамос би требало да биде подготвен за настап против Шахтар во Киев, во меч од петтото коло во фазата по групи во Лигата на шампионите закажан за први декември.