Бразилецот Денилсон Переира Невес пристигна во Арсенал во 2006 година, како ѕвезда од Сао Пауло. Играчот за врска остана пет години во дресот на Топчиите, но едноставно не можеше да го издржи притисокот и начинот на живот во Лондон, па реши да се врати назад во Бразил.
Денилсон раскажува за тешките моменти кои ги поминувал додека играл во Арсенал и депресијата која често му била „пријател“.
„Игравме пред 60.000 навивачи, а потоа кога ќе се вратев дома, останував целосно сам. Ќе дојдев дома, ќе се логирав на интернет со надеж дека ќе можам да најдам некој за друштво и разговор, но често и на МСН немаше никој. Целата таа ситуација почна да влијае на мене. Немав со кого муабет да си направам. Луѓето нè гледаат како професионалци, но забораваат дека и ние сме обични луѓе“, открива Денилсон, кој додава дека таквата ситуација го донела до депресија.
„Имаше денови кога ќе се чувствував добро и ќе сакав да излезам и да прошетам, но тогаш ќе го видев депресивното време кое е во Лондон и ќе се откажев од прошетката. Се прашував: „Мили Боже, дали е ова мојот живот?“ Немав со кого да направам муабет, немав со кого да позборувам на чат. Се мачев, но никому не му кажував за тоа. Не му имав кажано ниту на Жилберто Силва, кој често знаеше да ме повика кај него во домот. Сепак, ни таму не се чувствував комотно. Тој живееше со жената и децата, па не сакав да им пречам. Ја одбив и неговата покана да одам кај нив за Божиќ и останав сам“, се сеќава Денилсон.
Во 2011 година, Бразилецот реши да се врати во Сао Пауло, каде што остана до 2015 година. Денилсон потоа играше и во Емиратите, а од минатата година е член на Слиема вандерерс во Малта, каде што се чувствува одлично. Бразилецот кој одигра 153 меча за Арсенал и постигна 11 голови, сега е дел од една мала европска лига, но барем живее посреќен живот од тој во Англија.