Вулверхемптон со гол во 94-та минута победи на гости кај Њукасл со конечни 2-1. Избраниците на Еспирито Санто се изборија за триумф на „Сент Џејмс парк“ буквално во последните моменти од средбата, Доерти е херој на „волците“.
Откако ја затресе мрежата на Челзи во претходното коло, Диего Жота денес одново стрелаше за својата екипа, а го постигна водечкиот гол во 17-тата минута. Њукасл брзо се врати во игра, Ајозе Перез донесе израмнување во 23-тата минута.
Домаќините останаа со играч помалку на теренот во вториот дел, Једлин заработи директен црвен картон во 57-та минута. И кога се чинеше дека средбата е завршена, „волците“ во последниот напад стигнаа до три бода, голот за победа го постигна играчот од кој најмалку се очекуваше, десниот бек Мет Доерти.
Со шестиот овосезонски триумф, Вулверхемптон стои на 10-тото место на табелата со 22 бода, додека Њукасл останува при дното, односно на 15-тото место со 13 бода.