16.8 C
Skopje
недела, 1 март 2026

Договор е постигнат: Винисиус ќе остане на „Бернабеу“ уште пет сезони

Бразилската суперѕвезда Винисиус jуниор е на чекор од продолжување на соработката со Реал Мадрид, откако, според последните информации, донел конечна одлука да ја продолжи својата мисија во Kралскиот клуб. Преговорите за нов договор се во напредна фаза и се најавува нивно експресно финализирање.

И покрај гласните шпекулации во изминатите месеци за можен трансфер, особено поради финансиските разлики меѓу двете страни, сега ситуацијата е драстично сменета. Клубот и фудбалерот повторно седнале на заедничка маса и, за разлика од претходниот период кога ставовите беа цврсто заковани, овојпат компромисот е практично постигнат.

Според шпанскиот весник „АС“, директните разговори меѓу Винисиус и Реал се одвиваат во позитивна атмосфера. Напаѓачот се чувствува ценет и важен дел од проектот на клубот, а значајна улога во целиот процес имала и поддршката од Алваро Арбелоа. Атмосферата околу него е далеку постабилна во однос на периодот кога во Мадрид беше Чаби Алонсо.

Финансиската разлика, која претходно изгледаше непремостлива, сега е надмината. Винисиус иницијално бараше над 30 милиони евра годишно, сума блиска до онаа што ја заработува Килијан Мбапе, додека понудата на клубот се движеше нешто над 20 милиони. На крајот, двете страни се договориле за плата од околу 27 милиони евра по сезона, што претставува средно решение прифатливо за сите.

Се очекува во наредните денови и официјална потврда дека 25-годишниот офанзивец ќе потпише нов петгодишен договор и ќе остане столб на тимот од шпанската престолнина.

Винисиус е дел од Реал од 2018 година, кога пристигна од Фламенго за 45 милиони евра. Во меѓувреме израсна во една од највлијателните фигури во европскиот фудбал и симбол на новата генерација на Кралевите.

- Оглас -

Најнови вести