Дојде денот кој се чекаше уште после ждрепката за групите во ЛШ

Кога при ждрепката за групите од Лигата на шампионите се дозна дека Барселона и Јувентус ќе бидат во иста група, милиони, па можеби и милијарди љубители на фудбалот во светот помислија исто, еден против друг повторно ќе играат Лионел Меси и Кристијано Роналдо, тоа се натпревари кои не смее да се пропуштат.

Кога Барса гостуваше во Торино, Португалецот не играше, бидејќи беше во изолација поради позитивниот резултат на Ковид-19, но вечерва спектаклот е загарантиран, и Лео и КР7 ќе бидат на терен како лидери на своите тимови во битка за првото место во групата.

Ривалите заедно имаат 11 Златни топки за играч на годината, 9 титули во ЛШ, и 250 гола во најсилното клупско натпреварување во Европа, и јасно е дека погледите најмногу ќе бидат свртени кон овие две светски величини. Тие еден против друг не играле две години, седум месец и два дена, кога на „Камп ноу“, Барса и Реал одиграа 2-2, а двете ѕвезди дадоа по еден гол.

Меси и Роналдо еден против друг во ЛШ имаат играно пет пати, но последен пат пред дури девет години. Двајцата имаат по две победи, но интересно е што Кристијано никогаш не дал против Барса во ЛШ, додека Меси има три гола против екипите за кои играл Кристијано. Роналдо имал и лоши и убави спомени од гостувања кај Меси, но овојпат за првпат ќе нема 100.000 луѓе притив него. Роналдо вели дека посебно е мотивиран кога домашните фанови го навредуваат.

- Оглас -

Најнови вести