28.8 C
Skopje
вторник, 16 септември 2025

Дојде денот, започнува шоуто во Лигата на шампионите, Реал Мадрид и Јувентус веднаш на мегдан

Новата сезона во Лигата на шампионите започнува денеска, а ќе трае до 30 мај 2026 година, кога ќе биде познат новиот континентален клупски владетел. Во секое од осумте кола од групната фаза ќе се играат вкупно 18 натпревари распределени во три дена (вторник, среда, четврток).

Ова е втора сезона да се користи овој нов систем на натпреварување во најсилното клупско натпреварување на Стариот Континент. Секоја екипа ќе одигра четири меча на домашен терен и четири средби на гости. На крајот најдобрите осум екипи обезбедуваат директно место во нокаут-фазата. Екипите кои ќе бидат од деветто до 24-то место ќе играат две плејоф-средби и така ќе бидат познати преостанатите осум осминафиналисти. Оние кои ќе бидат од 25-то до 36-то место го завршуваат евронастапот.

НАГРАДНИОТ ФОНД Е НАЈБОГАТ ДОСЕГА

Новата Лига на шампиони има буџет од 2,5 милијарди евра. Од нив секој учесник првично добива 18,6 милиони евра, што е вкупно 670 милиони евра, или 27,5 проценти од буџетот. Дополнителни 35 проценти, или 835 милиони евра се поделени врз основа на маркетингот и историските рејтинзи на клубовите. Што се однесува до распределбата на средствата според бројот на освоени бодови, ова изнесува 914 милиони евра или 37,5 проценти.

Освоен бод му носи на секој клуб 700 илјади евра, а победа 2,1 милион евра. Поминувањето обезбедува уште еден милион евра, осминафиналето дополнителни 11 милиони, четвртфиналето 12,5, полуфиналето 15 и финалето 18,5 милиони евра. Победникот добива уште 6,5 милиони евра, а триумфот обезбедува дополнителни 4,5 милиони евра за учество во Европскиот суперкуп.

ОД ГОЛЕМИТЕ ФАВОРИТИ, ПРВИ НА МЕГДАН СЕ РЕАЛ МАДРИД И ЈУВЕНТУС

Денеска на програмата ќе има вкупно шест меча, а најголемо внимание привлекува дербито меѓу Јувентус и Борусија Дортмунд. Треба да биде интересно и во Мадрид, каде што Реал игра против Олимпик Марсеј.

- Оглас -

Најнови вести