Дојде и тој ден, Ѓоковиќ ќе го игра првиот меч во 2022 година

Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, по два и пол месеци пауза, конечно ќе го одигра првиот меч во 2022 година. На АТП-турнирот во Дубаи, Србинот во првото коло ќе се сретне со Лоренцо Мусети од Италија.

Ѓоковиќ е апсолутен фаворит против 58-миот на АТП-листата, но интересно е дека Мусети во единствениот меч против Новак одигра одлично. Тоа беше на последното издание на Ролан Гарос, кога во осминафиналето, Италијанецот ги доби првите два сета со 7:6, 7:6, но потоа немаше сили да го комплетира изненадувањето. Ѓоковиќ ги доби следните два сета, и тоа убедливо со 6:1 и 6:0, а во решавачкиот петти сет, фаворитот имаше предност од 4:0 кога Мусети реши да се предаде.

На турнирот во Дубаи е дозволен настап и на тенисери кои не се вакцинирани против корона-вирусот, па затоа Ѓоковиќ може да игра, што не беше случај на првиот гренслем-турнир во Мелбурн, кога Србинот беше депортиран од Австралија.

Турнирот во Дубаи, кој е од Серијата 500, Ѓоковиќ го има освојувано петпати. Рекордер е Роџер Федерер со осум титули во Дубаи. Наградниот фонд за овој турнир е 2,8 милиони долари.

- Оглас -

Најнови вести