Дојде јуни, за десет дена почнува супермаратонот со 336 меча за 52 дена

Бундеслигата прва од врвните во Европа се реактивираше по корона-вирусот, Германците покажаа како ќе изгледа фудбалот во услови на разни протоколи за заштита, а за десет дена тргнуваат и Шпанците, веднаш по нив и Италијанците и Англичаните, кои исто така имаа голема желба првенството да заврши на терен.

Нема публика на трибините, тоа значи дека љубителите на фудбалот мора од дома на телевизија да ги следат настаните, а во периодот од 11 јуни до 2 август во Серија А, Премиер лигата и Ла Лига ќе се одиграат 336 натпревари за 52 дена.

Во Шпанија останаа уште 11 кола и 110 меча. Барселона и Реал Мадрид се борат за титулата, а Атлетико Мадрид, кој е шести, за место во ЛШ. Засега нема датум за финалето на Купот бидејќи финалистите Атлетик и Реал Сосиедад инсистираат да се игра со публика.

Италијанците треба да доиграат 124 меча. Таму прво ќе се доигра купот на 12, 13 и 17-ти јуни, а потоа е рестартот на лигата во која Јувентус и Лацио се главни кандидати за Скудетото. Од заднина шанса чека Интер, но се чини дека титулата ќе остане во Торино или ќе се пресели на југ во Рим.

Англиската Премиер лига би требало да продолжи на 17-ти јуни со заостанатиот дуел на Манчестер сити и Арсенал, а потоа ќе се доиграат и останатите 92 меча. Таму нема неизвесност во трката за титулата, прашање е само на колку кола до крајот, Ливерпул ќе си ја обезбеди првата титула по пауза од 30 години.

По завршувањето на овој суперквалитетен маратон, ќе дојде август, месецот во кој ќе биде доиграна Лигата на шампионите, па и август ќе биде екстра возбудлив. Останува само да се види дали ќе има фајнал-фор или ќе се играат класични полуфиналиња дома-гости. УЕФА треба да донесе одлука и дали Истанбул останува домаќин на финалето или мечот за титула ќе се пресели во Лисабон.

- Оглас -

Најнови вести