По пристигнувањето на Хери Мегваер во редовите на Манчестер јунајтед, трансфер кој се реализираше пред околу еден час, Солскјер ќе мора да жртвува еден од дефанзивците кои засега му се на распологање. Сигурен е само Линделоф, Баи не може да биде продаден бидејќи закрепнува од повреда, така што на норвешкиот стратег му остана да бира меѓу Крис Смолинг, Фил Џоунс и Маркос Рохо.
Најмалку еден од овие тројца стопери ќе мора да си бара нов клуб каде што ќе ја продолжи кариерата, а во оваа приказна се вклучува Евертон.
Карамелите се во потрага по проверен и искусен дефанзивец, бидејќи Марко Силва не успеа да го купи посакуваниот стопер од Челзи Курт Зума, кој минатата сезона беше позајмен на тимот од „Гудисон парк“. Затоа, изборот дефинитивно ќе биде меѓу Смолинг, Џоунс и Рохо, а допрва ќе се види по чиј потпис ќе тргне Евертон.
Триото на Црвените ѓаволи е алтернатива за португалскиот стратег, а за да ја засили одбранбената линија Силва не ќе мора да издвојува многу средства. Англиските медиуми тврдат дека од таборот на Јунајтед се подготвени да прифатат разумни понуди за нивните дефанзивци кои се на излог и повеќе не се потребни, само за да ослободат место за новиот најскап дефанцивец на планетата.