Цели пет часа траеја караниците на фарсата што требаше да биде Редовно годишно собрание на КФСМ, а потоа дојде „шумарот“ и ги избрка од шумата. Во превод, беа учтиво замолени да си заминат од салата за состаноци во хотелот, затоа што истечен е терминот што бил закупен.
Редовното годишно собрание на КФСМ се претвори во една мачна повеќечасовна расправија, исто толку мачна каква што во моментов е и целокупната македонска кошарка, затоа што иницијаторите за промени, кои несомнено имаа мнозинство од гласовите на денешното Собрание, сакаа да му изгласаат недоверба на претседателот Перо Антиќ. Но, тој упорно не сакаше да ја стави точката на дневен ред, повикувајќи се дека во овој момент е нестатутарна.
Издржаа најупорните, се сменија многу дискутанти, најактивни беа адвокатите и правните тимови и на крајот дуелот беше прекинат пред и да почне. Поточно, пред и да се одржи Редовното годишно собрание во целост, на кое не беше усвоен ниту финансискиот извештај за годината што изминува.
Ако не дојдеше „шумарот“, којзнае до кога ќе си играа децата…