Реал Мадрид со 4:1 го победи Лас Палмас, а по мечот, навивачите на „Сантијаго Бернабеу“ беа презадоволни да ги поздрават нивните миленици кои се нови лидери на табелата во шпанското првенство.
Меѓу оние кои веднаш по мечот реагираа е тренерот Карло Анчелоти. Италијанскиот стратег во свој стил ги „поздрави“ сите оние кои пред само неколку недели ја критикуваа играта на Кралскиот клуб, кој во еден момент заостануваше дури осум бодови зад најголемиот ривал Барселона, а сега има седум повеќе од каталонскиот гигант.
„Слушнав дека Реал Мадрид игра лошо, а ние сме лидери во првенството“, со кејф коментираше Анчелоти на прес конференцијата по мечот, а потоа продолжи „Малку сум збунет затоа што секогаш ги слушам луѓето како тоа го зборуваат. Се обидувам да ги сфатам. Нема да кажам дека сме најдобри, бидејќи никој не е совршен. Ние се обидуваме да играме фудбал според квалитетот на играчите кои ги имаме во нашите редови“, додаде Анчелоти.
По 20 одиграни мечеви Реал е лидер со 46 бодови. Втор е Атлетико Мадрид со 44 бодови, а Барселона сега заостанува дури седум бодови и има вкупно 39 бодови, што е втор најлош биланс на каталонскиот гигант во домашното првенство во овој дел од сезоната.