Ангажманот на Леброн Џејмс не ги донесе посакуваните резултати за ЛА лејкерс сезонава. Шеснаесеткратниот шампион на НБА повторно нема да игра плејоф, а најголем дел од вината ја префрлија на тренерот Лук Волтон. Откако целосно ги загубија шансите за разигрувања, од таборот на „езерџиите“ започнаа мисија во потрага по тренер со шампионско реноме, а прво име на листата се појави Док Риверс, тренерот на градскиот ривал Клиперс.
Сепак, искусниот стратег експресно ги демантираше овие шпекулации и посочи дека преговара околу продолжување на соработката со Клиперс.
„Да разјасниме, јас не мрдам од тука. Со Меџик Џонсон сум многу добар пријател, но планирам да останам верен на тимот со којшто работам изминативе неколку години. Имам посебна врска со претседателот Стив Балмер, ќе бидам тренер на Клиперс додека тој не ми каже да си одам, а моја цел е уште долго време да раководам со овој тим“, истакна Риверс.
Неговиот договор со франшизата од Ел-Еј истекува по крајот на оваа сезона, а моментално се работи на продолжување на соработката. Риверс е втор најплатен тренер во НБА со 10 милиони долари годишна плата, веднаш зад Грег Попович на Сан Антонио. Од 2013 година ги води Клиперс, претходно беше на клупата на Орландо меџик, додека со Бостон во 2008 година го освои шампионскиот прстен токму против „езерџиите“.