Лос Анџелес клиперс со две големи засилувања преку ноќ се наметна како еден од главните конкуренти за шампионската титула во НБА-лигата за новата сезона. Во текот на летото, Клиперси ги ангажираа Кавај Ленард, МВП од последното финале кое го освои Торонто, и некогашната ѕвезда на Индијана и Оклахома, Пол Џорџ.
Тренерот Док Риверс откри како успеал да го наговори Ленард да прифати да игра за франшизата која чека на титула од нивното основање во 1970 година. Првиот состанок меѓу клубот и Ленард се одржал во домот на Риверс во Малибу, а потегот кој првично се чинел како грешка, бил клучен во одлуката на доминантниот кошаркар да заигра за Клиперс.
„Додека Ленард преговараше со останатите клубови, генералниот менаџер Лоренс ми рече дека тој ќе се одлучи меѓу Торонто и Лејкерс. Идејата дека Ленард би можел да го засили нашиот градски ривал на еден начин ме уплаши, по што следуваше нашиот очаен потег. Знаев дека е грешка, но од таа грешка ние профитиравме. Се сретнавме со Кавај и му понудивме листа на играчи да бира со кого сака да игра. Прво не бевме сигурни дали ќе можеме да ја исполниме неговата желба, но кога на листата го виде името на Пол Џорџ, знаевме дека ќе мора многу да се потрудиме во преговорите со Оклахома“, истакна Риверс.