31.8 C
Skopje
среда, 16 јули 2025

Доказ дека сите играат фудбал: Прваците на Гибралтар, Малта, Косово и Казахстан продолжуваат во Лига на шампиони

Синоќа се одиграа 12 реванш-мечеви од квалификациите во првото коло од Лигата на шампионите, а постинатите резултати само потврдуваат дека веќе нема аутсајдери во фудбалот. Клубови од земји кои во минатото беа „топовско месо“ сега ќе играат во второто квалификациско коло од елитното натпреварување на УЕФА.

Екипата на Линколн од Гибралтар пред своите навивачи со 1:0 славеше над Викингур од Фарски Острови. Ако на тоа се додаде дека Лонколн победи и на првиот меч со 3:2, шампионот на Гибралтар оди во второто коло од квалификациите со вкупно 4:2 и две победи.

Во второто квалификациско коло од ЛШ ќе биде и шампионот на Малта, тимот на Хамрун. Оваа екипа направи подвиг откако во реваншот на свој терен победи со 2:0 и ја анулира негативата од првиот меч против Жалгирис од Литванија. На крајот се шутираа пенали, а првакот на Малта беше подобар и оди понатаму.

Место во второто квалификациско коло од ЛШ има и за Дрита од Косово. По победата од 1:0 на свој терен, Дрита синоќа со 3:2 славеше на теренот на Деферданж од Луксембург.

Каират Алмати од Казахстан со 2:0 славеше над Олимпија Љубљана и оди понатаму откако првиот меч им заврши 1:1. Олимпија е тим кој летово доведе играч од милион евра, но дека парите не играат на терен, се потврди во Казахстан.

Едноставно сите екипи кои се дел од европските натпреварувања имаат квалитети и не смеат да се потценат. Затоа и Вардар утревечер нема да смее да го потцени тимот на Ла Фиорита од Сан Марино, иако Црвено-црните на првата средба победија со убедливи 3:0.

Останатите македонски ривали, Силекс и Работнички ќе треба да бркаат негатива, но тоа не значи дека се без шанси. Силекс ќе се обиде пред своите навивачи да анулира 0:2 против Дечиќ, а Работнички има 0:3 од првиот меч против Торпедо од Белорусија.

- Оглас -

Најнови вести