Докторот кој го оперираше Ѓоковиќ, даде прогноза дали Новак ќе може да игра на Вимблдон

Хирургот Антоан Жеромет, кој на 5 јуни изврши артроскопска операција на десното колено на Новак Ѓоковиќ, смета дека е малку веројатно дека српскиот тенисер ќе биде целосно фит за почетокот на Вимблдон.

Ѓоковиќ го повреди менискусот во осминафиналето на Ролан Гарос и сега главна цел му е да се врати во Париз за Олимписките игри, а ако е можно, да се појави и на грaнслемот Вимблдон, кој почнува на 1 јули.

„Зависи како ќе реагира неговото колено. Промените ќе се случуваат од ден на ден, но невозможно е да се предвиди во каква состојба ќе биде за една недела, две недели итн. Постепенo ќе се зголемува оптоварувањето и ќе видиме дали коленото ќе остане суво или ќе има оток и болка. Но, да биде 100 отсто спремен за три недели, тоа делува навистина тешко остварливо“, изјави хирургот.

Жеромет е воодушевен од Новак.

„Тој е вистинска сила, тоа што го наpрави е извонредно. Дури 99 отсто од луѓето веројатно би завршиле на ургентно со заклучено колено, а тој играше и победи. Тоа е механичка блокада и може да се поправи само со операција. Нечесни се критиките дека тоа не е вистинска повреда“, додава докторот.

- Оглас -

Најнови вести