Генералниот менаџер на приватната поликлиника „Неуромедика“, докторот Емил Угриновски, е еден од најверните поддржувачи на македонските спортски репрезентации, каде и да играат.
Тој беше дел и од бројната Фаланга која ги бодреше македонските фудбалери на бараж мечот во Порто, а без проблем прифати и да се приклучи на хуманитарната акција на Sport Life.
И ВО ПИНГ-ПОНГ ДА ИГРАМЕ НА ЕВРОПСКО ИЛИ СВЕТСКО, БИ ОДЕЛ ДА ГЛЕДА
„Навистина не знам точна бројка на колку натпревари на нашите репрезентации сум присуствувал во живо, но знам на колку не сум бил, и штом ги паметам, значи дека бројката на мечеви на кои не сум бил, е мала. Сум бил на фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, дури и ватерполо. Мислам дека ако Македонија има сериозна репрезентација и во некој помал спорт како пинг-понг, и нив би одел да ги гледам и бодрам на големо натпреварување. Тоа ми е пасија, верувам дека така ќе биде и во иднина“ – вели Угриновски.
РАКОМЕТОТ МУ Е ОМИЛЕН СПОРТ, БЕШЕ И ДОКТОР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА СП 2009
Секое патување си има приказна за себе, и се памети по нешто, па не е лесно да се одбере омилено гостување.
„Имам повеќе омилени гостувања, од поновите можам да го издвојам Европското првенство во фудбал во Романија, од причина што беше деби на националниот фудбалски тим на таков голем настан, и имаше огромен број на навивачи, атмосферата беше одлична. Истотака едно од омилените ми е во Катар на Светско првенство во ракомет, и претходно секако во 2009 година кога бев доктор на машката репрезентација на ракометното СП во Хрватска, тоа беше моја национална гордост“ – раскажува Угриновски.
За нешто повеќе од две недели, ќе се знае дали Македонија ќе биде учесник на СП во ракомет во 2023 година. Претстојат бараж дуели со Чешка, а според Угриновски, сме имале среќа во ждрепката, но благ фаворит се Чесите.
„За жал, ракометот во последните години малку ни оди во надолна линија. Не се работи како што треба, има многу маани и работи кои треба да се променат. Ја победивме Романија, но тие не се вистински репер. Големо име се, но беа во последниот шешир. Чешка е многу сериозна репрезентација, но би кажал дека имавме среќа во ждрепката, ако ни се паднеше некоја малку посилна селекција, ќе кажев дека немавме шанса да одиме на СП. Вака, шансите би рекол дека се 60-40 за Чешка, но имаме шанса и на момците искрено им посакувам успех и среќа“ – посакува докторот Угриновски.
ВАРДАР И САМО ВАРДАР
Што се однесува до фудбалот, за Емил постои само еден клуб – ФК Вардар.
„Јас сум фанатик за спорт, цел живот сум со ракометот, тој ми е спорт број 1, го следам секојдневно и добро сум информиран. А, од фудбалот го следам повеќе нашиот репрезентативен и клупски фудбал, и ме интересираат и клубовите каде што играат нашите интернационалци, но секако не можам да кажам дека не го следам и меѓународниот фудбал и топ лигите. Омилен тим ми бил и секогаш ќе остане Вардар. Друг тим не може да допре до моето срце. Нормално, тука е репрезентацијата на Македонија, тоа се подразбира“ – ни изјави Угриновски чија компанија „Неуромедика“ е еден од главните спонзори на ФК Вардар.
„Јас сум дел од спонзорската гарнитура во клубот. Ние наследивме еден клуб кој беше пред распаѓање, но успеавме да го вратиме во живот. Можеби нема да успееме оваа сезона да го вратиме во прва лига, но наредната сум сигурен дека работите ќе се вратат во нормала. Почнавме од нула, стигнавме до некаде, важно е дека клубот треба да се врати таму каде што припаѓа. Ние имаме петгодишен договор, и нема да се помириме додека не го вратиме Вардар таму каде што треба да биде“ – заклучува Угриновски.
ДОБАР ПРОГНОЗЕР Е, ПОГОДИЛ ДЕКА ВО ПАЛЕРМО, МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПОБЕДИ СО 1-0
„Не сум многу по обложувањето, немам некое искуство, но мислам дека сум добар прогнозер, особено кога станува збор за македонскиот спорт, посебно во ракометот, ретко кога промашувам. Еве сега го погодив точниот резултат на мечот со Италија, типував победа од 1-0 и не погрешив. Во Порто дојдовме по победа, од срце се надевав дека на Роналдо ќе му биде последен меч во репрезентативната кариера, но што е тука е“ – вели големиот фан и поддржувач на македонскиот спорт, кој состави интересен хуманитарен тикет со неколку зицери, но и мечеви со големи квоти.