Белгиските фудбалери беа разочарани што не успеаја да постигнат гол против цврстиот македонски одбранбен бедем, а некои од најзрелите шанси за Црвените ѓаволи ги имаше Жереми Доку.
Крилото на Манчестер сити си ја пробуваше среќата 90 минути со дриблинзи и трчање по левата страна.
„Фрустрирани сме затоа што не ги искористивме нашите многубројни шанси. Мислев дека ќе постигнеме гол, но на крајот, тоа не се случи. Можеби ни недостасуваше малку самодоверба. Тие буквално дојдоа за нерешено, па ќе бидат многу среќни“, коментираше Доку за белгиските медиуми.
Во Белгија сметаат дека им фалел шпиц и го обвинија селекторот Руди Гарсија што не го ставил барем Батшуаи, кога веќе не можеше да смета на Лукаку.
„Дали ни недостигаше централен напаѓач вечерва? Ромелу Лукаку е многу важен. Дефинитивно ќе ни помогнеше денес. Батшуаи знаеме што може да направи, но тоа е одлука на менаџерот. Главно се гледам себеси, ако ги искористев моите шанси, ќе беше 2-0 и натпреварот ќе беше завршен. Сега сме под мал притисок, но со овие квалитети, треба да можеме да победиме против Велс“, додаде Доку.