
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) во Гент ќе го игра еден од најважните натпревари во овој квалификациски циклус, веројатно и во поновата историја, гостувајќи и на селекцијата на Белгија, која важи за прв фаворит во нашата група.
Македонските фудбалери во пресрет на мечот се првопласирани во групата, но ќе треба да ја задржат со позитивен резултат и овде во Гент.

Со посредство на белгиските новинари, „Спортманија“ успеа да дојде и до ексклузивна изјава од Жереми Доку, еден од најголемите адути на селекторот на Белгијците, Руди Гарсија, на вечерашниот меч.
„Знаеме дека ни е потребна победа. Знаеме и дека ќе ја имаме и поддршката од навивачите вечерва. Но, знаеме и дека нема да биде лесно, затоа што Македонија е добар тим. Никогаш не е лесно да се разбие тим што знае добро да се брани“, изјави Доку за „Спортманија“.
Натпреварот меѓу Белгија и Македонија се игра вечерва од 20.45 часот на „Планет Груп Арена“ во Гент.