Селекцијата на Австралија ја совлада со убедливи 4:0 Канада во последното коло од групната фаза на женското Светско првенство и си обезбеди пласман во нокаут-фазата.
Австралија, која е коорганизатор на Мундијалот заедно со Нов Зеланд, со победата го освои првото место во групата Б, додека селекцијата на Канада, која е олимписки шампион од Игрите во Токио во 2021 година, заврши на третото место и се враќа дома.
Австралијките до победата дојдоа со головите на Расо во деветтата и 39-та минута, на Фаулер во 58-мата и на Кетли во судиското продолжение.
Со поразот на Канада, на Нигерија ѝ беше доволен еден бод за да го освои второто место во групата и да обезбеди пласман во нокаут-фазата. Нигеријките одиграа без голови против Република Ирска и се најдоа во осминафиналето.
Јапонија со убедливиот триумф од 4:0 над Шпанија го завери првото место во групата Ц. Светските шампионки од 2011 година дилемите околу победникот ги решија уште во првото полувреме, кога постигнаа три гола. И покрај убедливиот пораз, Шпанија го освои второто место, кое ѝ носи пласман во нокаут-фазата.
Во вториот меч од групата, Замбија со 3:1 ја совлада Костарика, а капитенката на африканската селекција, Барбра Банда, во 31-вата минута од пенал го постигна илјадитиот гол во историјата на Светските женски првенства.