Домашно производство – Казахстан ќе игра против Македонија само со еден интернационалец

Казахстан ќе игра против Македонија во Скопје утре од 18 часот со речиси исклучиво домашно производство, односно дури 19-мина репрезентативци од вкупно 20 настапуваат за клубови од домашното првенство.

Селекторот Талгат Бајсуфинов повика само еден репрезентативец што игра во странство, и тоа напаѓачот Алексеј Шоткин, кој игра во рускиот Ротор од Волгоград.

Најмногу дури шестмина играат за Тобол, а по тројца има од Астана и од Каират. Најпознати репрезентативци им се Исламбек Куат и Абзал Бејсебеков од Астана, дуо кое има настапи и во Лигата на Европа, и играчот на Тобол, Серикжан Мужиков од Тобол.

Мечот со Македонија ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ утре, а потоа наместо за Австрија, Казахстанците ќе се вратат дома.

Австриската амбасада не им издаде визи за пријателскиот меч со Малта, што требаше да се игра во Волфсберг, Австрија, на 7 јуни.

За Македонија утрешниот меч е последна проверка пред настапот на Европското првенство. Нашите репрезентативци ќе се подготвуваат до 8 јуни во Скопје, па ќе заминат за Букурешт.

Во главниот град на Романија ќе ги играме првите два меча во Ц групата, со Австрија на 13 јуни и против Украина на 17 јуни, а потоа следува пат до Амстердам за последниот меч во фазата по групи, на 21 јуни со Холандија на „Јохан Кројф“ арената.

 

- Оглас -

Најнови вести