Доминик Тим тргна во поход на третото финале по ред на Ролан Гарос на убедлив начин со максимална победа против Марин Чилиќ, а само со една изјава ги собра симпатиите на големата армија навивачи на Роџер Федерер.
На стартот од натпреварите Австриецот славеше со 6:4, 6:3, 6:3 против ривалот од Хрватска и најави дека ќе му го чува врвот на најтрофејниот тенисер на сите времиња.
„Федерер ми ја честиташе победата и титулата на Отвореното првенство на САД и ветувам дека ќе сторам се за да победам во Париз и за мене и за него. Ниту еден тенисер не може да се спореди со Роџер. Тој е уникатен со својот стил на игра и елеганција многу подобра од мојата. Ќе се обидам да му помогнам да остане број 1“, изјави Тим.
Федерер не игра на Ролан Гарос, а со 20 пехари на гренслем-турнирите сè уште е на првото место на вечната листа со најмногу трофеи, но сериозно се закануваат Рафаел Надал со 19 титули и Новак Ѓоковиќ со 17.
Тим ја искористи бизарната елиминација на Ѓоковиќ во Њујорк на Отвореното првенство на САД и ја освои првата гренслем-круна во кариерата, но покажа и дека може да биде опасен и конкурентен и на Ролан Гарос.
Играше во последните две финалиња во Париз, но рекордерот со 12 пехари на Ролан Гарос, Рафаел Надал, не му дозволи да се радува на победа и пехар во градот на светлината.