Светското првенство во 2026 година ќе се игра во САД, Канада и Мексико, во вкупно 16 града, од кои дури 11 се во Соединетите Американски Држави. Сепак, претседателот на најмоќната земја во светот, Доналд Трамп, најави дека е можно дел од натпреварите да се префрлат во други градови доколку биде утврдено дека не се безбедни.
„Светското првенство ќе биде безбедно. Ако утврдиме дека не е безбедно да се игра во некои градови, тогаш ќе ги промениме, ќе ги преместиме во други градови. Ако сметаме дека постои и најмала небезбедност за Светското првенство или за Олимписките игри (во 2028 година во Лос Анџелес), но ова посебно се однесува за Светското првенство, бидејќи е натпреварување кое се игра во многу градови, нема да дозволиме да се играат таму, туку малку ќе ги преместиме“, рече Трамп за американските новинари.
Најмногу натпревари, вкупно осум, е предвидено да се одиграат во Лос Анџелес, додека Сан Франциско и Сиетл ќе бидат домаќини на по шест меча.