Скопјанецот Горан Кипријановски-Кипре кој сака кај врвни странски спортисти и јавни личности да ја промовира Македонија на разни начини, одамна имаше желба на листата на ѕвезди на кои ќе им подари македонски дрес да биде и НБА ѕвездата Лука Дончиќ.
„Средбата со Лука беше кратка, после мечот во Загреб, тој се брзаше, но беше пријатно изненаден од потегот и се заблагодари на вниманието. Дресот беше спремен за давање пред еден месец, бидејќи планирав да му го дадам на Дончиќ во Љубљана на прошталниот меч на Горан Драгиќ кој се одржа неодамна. Поради некои обврски не можев да отидам, но излезе шансата со овој меч во Загреб за Дражен Петровиќ и за среќа ја остварив идејата како што посакував“, раскажува Горан.
Популарниот Кипре во минатото му подари македонски дрес и на Никола Јокиќ, а дрес има и таткото на Дончиќ, Саша.
„Фотографијата со Лука ја направи татко му Саша. Саша се сети на мене бидејќи во март 2019 година во Љубљана и нему му подарив еден македонски дрес“, вели Кипре.