Дончиќ блеска и реди трипл-дабли, но Далас реди порази

Кошаркарите на Далас маверикс на свој терен загубија од Филаделфија со 116:120, иако домаќините ја имаа улогата на големи фаворити. Далас поведе со 11:0, но до крајот на првата четвртина, Филаделфија не само што ја анулира негативата, туку со серија од 14:1 во финишот, негативата од 21:18 ја претвори во двоцифрена предност од 32:22.

Од тој момент, па до крајот на средбата, Филаделфија константно имаше предност која најчесто беше со двоцифрена разлика. За Далас ова е четврти пораз во последните пет меча и повторно не помогна одличната игра на Лука Дончиќ, кој трет меч по ред завршува со трипл-дабл учинок (38 поени, 11 скока и 10 асистенции).

Дончиќ е само четвртиот играч во историјата на НБА-лигата кој на три меча по ред има трипл-дабл и на сите три средби има 30+ поени. Претходно тоа им успеало само уште на Оскар Робертсон (четирипати), Расел Вестбрук (двапати) и Мајкл Џордан еднаш.

Далас сега има 34 победи и 27 порази, додека за Филаделфија ова беше 35-та победа во 60 средби.

- Оглас -

Најнови вести